Превентивна програма

СОС програма за Зајакнување на семејствата (превенција на децата кои се во ризик да ги напуштат своите биолошки семејства)

Нашата организација СОС ДЕТСКО СЕЛО МАКЕДОНИЈА покрај препознатливата успешна форма за згрижување на деца без родители и родителска грижа, СОС ДЕТСКО СЕЛО, се фокусира и на превенцијата и поддршката на децата кои се наоѓаат во состојба на ризик и се во опаснот да бидат отфрлени од нивното природно семејно опкружување а со тоа и да ја изгубат заштитата и грижата од своето биолошко семејство.

Програмите за зајакнување на семејства имаат за цел да спречат отфрлање на децата од нивните семејства и од заедницата. Ова се одвива преку континуирана поддршка која им се укажува на семејствата со цел да ја зајакнат нивната родителска способност да се грижат за своите деца, како и преку зајакнување на безбедносните мрежи за запоставените деца (децата во ризик) и нивните семејства во рамките на заедницата.

Нашите услуги преку проектите се наменети за семејства со деца под 18-годишна возраст и се насочени кон семејството како целина, вклучувајќи ги сите деца и родителите/старателите во семејството.

Преку нашите програми, секогаш користиме пристап кој е базиран на почитување на детските права. Нашата организација делува во согласност со насоките на Конвенцијата на ОН за правата на детето, вклучително и она што е од “најдобар интерес за детето” , “недискриминирање”, “опстанок и развој” и “учество на децата.

Секој проект е сочинет од пакет на услуги наменет за поддршка на семејствата во одредени области и тоа:

Обезбедување на пристап на семејствата кон основните услуги , за задоволување на основни развојни потреби на детето. Тука се подразбира материјална, образовна, здравствена и психо-социјална поддршка.

Поддршка на семејствата и нивно оспособување да ги заштитат и водат грижа за своите деца. Тука се вклучува помошта која се дава на родителите за развивање на родителското знаење и вештини; поддршка при обезбедување на стабилен извор на средства и ефикасно раководење со овие средства (на пр. приходи и производство на храна) со цел да бидат во можност да им ги обезбедат на децата основните потреби за нивниот нормален раст и развој .

Јакнење на системите за помош на децата во ризик и нивните семејства во заедницата. Еден од важните фокуси на делување на овој проект е насочен и кон зајакнување на соработката со другите членовите на заедницата ( оштината, државните институции, невладиниот сектор и други релевантните сервиси во заедницата) во правец на поддршка на семејствата и нивните потреби .
Во моментот овие програми во Македонија СОС Детското Село ги спроведува во две општини, оштина Гази Баба и оштина Шуто Оризари и во неа до сега се подржуваат 200 деца и 70 семејства.

ПОЧЕТОЦИ

Програмата за социјална превенција на Здружението на граѓани „СОС Детско село Македонија„ во Април 2007 година, во рамки на Приватната установа „СОС Детското Село Скопје“, пилотираше првиот проект за социјална превенција чија основна цел беше поддршка на биолошки семејства во социјален ризик на територијата на општина Гази Баба, со цел превенција од запоставување на децата од страна на биолошките родители. Главните активности беа насочени во директна поддршка на децата во социјален ризик, од општината Гази Баба, во задоволување на нивните есенцијални потреби од здравствена грижа, образование, храна, облека и животни услови, неопходни за преживување. Поддршката ги вклучуваше и родителите во градење на родителските капацитети со цел целосно превземање на одговорноста во грижата за децата и остварување на есенцијални потреби на нивните деца, преку заедничко учество на сите вклучени во процесот на поддршка.

Позитивните искуства беа основа за отворање на Советодавен центар за родители и деца во општина Шуто Оризари во септември 2009 година кој сеуште нуди поддршка за децата и семејствата во социјален ризик од оваа општина.

Во Јуни 2010 година, проектот во општина Гази Баба прерасна во Советодавен Центар за родители и деца-Гази Баба, со нова локација, во рамки на ЈУ Детска градинка „25 Мај“, клон Искра. Функционирањето на Советодавниот Центар е поддржано од Локалната самоуправа на општина Гази Баба, со обезбедување на просториите за функционирање на Советодавниот центар, без надомест. Покрај овој тип на поддршка, Локалната самоуправа на општина Гази Баба, секоја година го поддржува функционирањето на Центарот со финансиска поддршка како ко-финансиер.

ПРИНЦИПИ НА РАБОТА НА ПРОГРАМАТА:

Најдобро место каде децата треба да пораснат е нивното биолошко семејство

Семејството е срцето на општеството и претставува природна средина за здрав развој и благосотојба на децата. Децата имаат право да растат во своето биолошко семејство, каде може да уживаат во грижлива средина, со љубов, почит и сигурност. Ова право треба да биде гарантирано, сем ако не е спротивно на добрите интереси на детето.

Родителите/Згрижувачите се одговорни за развој на своето дете

Згрижувач е личноста која ја исполнува родителската улога во животот на детето, со примарна одговорност за создавање на грижлива семејна средина потребна за здрав развој на детето. Оваа улога може да се дели, во согласност со составот на семејството и соодветните културни обичаи.

Заедниците се директен извор на поддршка на децата и нивните семејства

Децата и семејствата се дел од пошироката заедница во која живеат. Членовите на заедницата ја носат одговорноста за заштита на правата на децата и може да ги мобилизираат сопствените ресурси за да пристапат кон решавање на проблемот на децата во ризик од губење на грижата на семејството, и да придонесат во нивниот развој.

Целта на развојот е реализација на човековите права
Девојчињата и момчињата, како и нивните згрижувачи, ги имаат сите права (се носители на права), како што е истакнато во меѓународните спогодби за човекови права, особено во Конвенцијата за правата на детето на ОН (UNCRC) и Конвенцијата за Елиминирање на сите форми на дискриминација на жените (CEDAW). Владите и другите носители на должности имаат обврска да ги признаат, почитуваат,заштитуваат, промовираат и исполнуваат овие права.

СТАНДАРДИ ЗА РАБОТА НА ПРОГРАМАТА:

1. Децата кои се со најголем ризик од губење на грижата од семејството се нашата целна група

Нашите програми се насочени кон оние деца кои се со најголем ризик од губење на грижата од биолошкото семејство. Ова значи идентификување на јасна целна група и потоа фокусирање на оние деца кои живеат во најранливи околности.

2. Децата добиваат пристап до услуги неопходни за нивниот здрав развој

Ние им помагаме на семејствата, заедниците и владите да ги превземат своите обврски, во осигурување дека децата имаат пристап до услугите кои се потребни за исполнување на нивните права за опстанок, развој, заштита и учество. Може да бидат обезбедени есенцијалните услуги, од самата програма или преку поврзување со други понудувачи на услуги, истовремено зајакнувајќи ги семејствата во градењето на долготрајна самостојност во обезбедувањето грижа за своите деца.

3. Семејствата се зајакнати за градење на сопствените капацитети за заштита и грижа за своите деца

Секое семејство е поддржано да стане самостојно во грижата за своите деца, користејќи структуиран процес на планирање на семејниот развој. Им се пристапува на различни полиња и развивањето на потребното знаење, вештини, самодоверба и други ресурси, е поддржано преку пакет услуги, прилагодени на ситуацијата на секое индивидуално семејство.

4. Заедниците се зајакнуваат за ефективно реагирање на ситуациите на ранливи деца и нивните семејства

Ги поддржуваме заедниците за да се организираат, и реагираат и пристапуваат на ситуациите на ранливите деца, сега и во иднина. Активно се поддржува развојот на оддржлива грижа за децата, и организации и мрежи за поддршка во рамките на заедницата. Работиме кон остварување на јасната цел – заедниците да станат самостојни во поддршката на децата кои се со ризик од губење на грижата од семејството.

5. Се градат партнерства за постигнување на заедничките цели

Работиме заедно со индивидуалци, групи, организации и институции, секогаш кога тоа придонесува во остварувањето на програмските потцели. Преку нашата соработка со владини органи, заедницата и други носители на должност ги охрабруваме и поддржуваме во исполнувањето на своите обврски кон децата и нивните семејства.

6. Тековните планирања, мониторинг и евалуација ја прават програмата релевантна и ефективна

Нашите програми се креирани согласно потребите и приоритетите на децата со ризик од губење на грижата на своето семејство. Ова вклучува длабока проценка на ситуацијата на целната група во рамките на заедницата. Врз основа на ова, се исцртуваат јасни планови за акција, и подготвуваат алатките за тековни активности на мониторинг и евалуација.

ОСНОВНА ДЕЈНОСТ НА ПРОГРАМАТА

Програмата за социјална превенција се фокусира на поддршката на децата кои се во ризик од губење на грижата на своите биолошки семејства. Програмата цели кон охрабрување и поддршка на семејствата да ги зајакнат сопствените капацитети за грижа и заштита на своите деца, и да ги зајакнат мрежите за заштита на ранливите деца и нивните семејства во заедницата.

ЦЕЛНА ГРУПА НА ПРОГРАМАТА

„Деца кои се во ризик да ја изгубат грижата на своите родители“

Биолошките семејства ги вклучуваат биолошките родители на децата, биолошките браќа и сестри и други роднини.

За деца, за кои се смета дека се во ризик од губење на грижата од нивните семејства, се оние чии основни материјални, емоционални, здравствени и едукативни потреби се занемаруваат, или пак злоупотребуваат, бидејќи нивните родители немаат капацитет за обврзување кон адекватна грижа за нивните деца.

Факторите кои го зголемуваат ризикот за распаѓање на семејството и разделување на децата од нивните семејства варираат зависно од опкружувањата на една заедница до друга. Овие фактори на ризик може да бидат:

Психо-социјални:

  • Семејно насилство;
  • Зависвост од дрога и алкохол;
  • Родители со статус на деца без родителска грижа згрижени во институции;
  • Родители во конфликт со законот.

Здравствени:

  • Животно-загрозувачки болести;
  • Попреченост на децата или старателите.

Социо-културни:

  • Деца родени надвор од брак;
  • Тинејџерска бременост;
  • Родова нееднаквост;
  • Етничка дискриминација.

Економски:

  • Сиромаштија;
  • Невработеност;
  • Неписменост;
  • Бездомништво.

УСЛУГИ И ПОДДРШКА ЗА ДЕЦАТА И РОДИТЕЛИТЕ ВО СОЦИЈАЛЕН РИЗИК ОД:
I. СОВЕТОДАВЕН ЦЕНТАР ЗА РОДИТЕЛИ И ДЕЦА - ГАЗИ БАБА
II. СОВЕТОДАВЕН ЦЕНТАР ЗА РОДИТЕЛИ И ДЕЦА – ШУТО ОРИЗАРИ

I. Пристап кон здравствени услуги:

  1. Советувања за регистрирање на матичен доктор и упатувања на доктор/специјалист
  2. Посредување при обезбедување на здравствено осигурување
  3. Посредување за користење здравствени услуги за оние лица кои што не поседуваат здравствено осигурување
  4. Поддршка при обезбедување на потребните лекови за семејни членови со итни здравствени потреби
  5. Здравствена едукација на семејствата во социјален ризик
  1. a. Подигнување на здравствената свест
  2. b. Едукација за здрави животни стилови
  3. c. Eдукација за сексуално и репродуктивно здравје на млади и родители/згрижувачи

II. Пристап кон психо-социјална поддршка:

  1. Индивидуални психо-социјални советувања и индивидуални психолошки советувања;
  2. Психо-социјални работилници за зајакнување на комуникациски вештини, ненасилна комуникација и ненасилно разрешување на конфликти
  3. Групни психо-социјални работилници и советувања
  1. Работилници за личен развој
  2. Работилници за превенција на семејно насилство
  3. Рекреативни и социо-културни активности за деца и млади

III. Пристап кон родителска поддршка

  1. Едукација за Родителство
  2. Едукација за Ран Детски Развој, наменета за родители/згрижувачи на деца од 0-6 години

IV. Пристап кон Едукација за животните вештини

  1. Советувања за Одржување на лична хигиена и стекнување на животни вештини
  2. Информативни сесии за детски права
  3. Креативни работилници

V. Пристап кон образование

  1. Запишување на првачиња и вклучување на деца со надмината школска возраст во редовен образовен систем
  2. Групни и индивидуални советувања на деца на школска возраст за прифаќање на училиштето
  3. Помош во пишување на домашни задачи, поддршка при изучување на училишниот материјал и описменување
  4. Посредување при вклучување на деца на предучилишна возраст во градинка
  5. Интервентно обезбедување на основни едукативни материјали
  6. Мотивирање на родителите/згрижувачите за вклучување на децата на курсеви и хобија

VI. Пристап кон обезбедување лични документи

  1. Обезбедување на изводи од матична книга на родените, државјанства и други документи за регулирање на жителство во Р Македонија
  2. Посредување при добивање на бесплатни правни совети и напатствија за добивање на лични документи

VII. Пристап кон остварување на права од социјална заштита

  1. Поддршка при комплетирање на потребната документација и аплицирање во социјалните институции, со цел остварување на правата од областа на социјалната заштита

VIII. Пристап кон пазарот на труд

  1. Посредување при вклучување на Курсеви за занаети (за родители/згрижувачи кои имаат минимум основно образование)
  2. Поддршка при набавка на работни материјали и алат, со цел самовработување
  3. Поддршка при подготвување CV за аплицирање за вработување.

IX. Соработка со заедницата

Со цел унапредување на состојбата на семејствата во социјален ризик, Советодавниот Центар има голем број на партнери и соработници, со кои има потпишано Меморандуми за соработка. Соработката се одвива на повеќе нивоа:

  • Бесплатни услуги за децата и родителите;
  • Донации во предмети за семејствата;
  • Заеднички посети на семејствата;
  • Заеднички проекти;
  • Учество на трибини, дебати и конференции.