Архива на новости
Донирајте
Помогни и ти!
Клуб на
пријатели
Компании
Прирачник за донации
Проекти
Најнови проекти

Претставување на иницијативата за воведување на моделот на социјални договори 

СОС Детско село Македонија и УНИЦЕФ во соработка со Министерството за труд и социјална политика, во рамките на Проектот „Воведување на моделот на социјални договори во обезбедување на социјални услуги“ организираа настан за претставување на иницијативата за воведување на моделот на социјални договори. Покрај тоа, беа претставени наодите од анализите за корисноста од примената на моделот на социјални договори за пружање на социјални услуги во нашата земја. 

На настанот свое обраќање имаа:Јулијана Гапо – Национален директор на СОС Детско село Македонија, Мила Царовска  – Министерка за Труд и социјална политика, Бенџамин Перкс – Претставник на УНИЦЕФ, и  Софи Бомонт, Програмски менаџер за образование, родова еднаквост и права за лица со попреченост во Делегацијата на Европската унија 


Целта на овој настан беше претставување на иницијативата за воведување на моделот на социјални договори, како и претставување на наодите и резултатите од спроведените анализи за корисноста и придобивките од примената на моделот на социјални договори. Проектот „Воведување на моделот на социјални договори во обезбедување на социјални услуги” е финансиран од УНИЦЕФ и  имплементиран од СОС Детско село Македонија. Спроведените анализи беа фокусирани на Проценка на влијание на политиките (RIA- Regulatory Impact Assessment) и Анализа на корист и трошоци (CBA – Cost benefit Analysis).



Јулијана Гапо, Национален Директор на СОС Детско село Македонија во оваа прилика акцентираше: 
„СОС Детско село Македонија покрена иницијатива за воведување на моделот на социјални договори во Македонија како начин за обезбедување на подобри социјални услуги, намалување на товарот на Владата во испораката на социјални услуги и зголемување на финансиската и програмската одржливост на граѓанското општество во земјата.Имајќи го предвид фактот дека воведувањето на механизмот за склучување на социјални договори е клучен елемент во овие системи, СОС Детско село во соработка со сите релевантни чинители ги предава сите развиени документи кои го регулираат овој механизам на Министерството за труд и социјална политика, што по прифаќањето ќе значи дека ќе има законски регулирана можност државата да ангажира приватни даватели на социјални услуги во системот за социјална заштита, со што ќе се постигне повисок квалитет на услугите, како и поголема достапност на истите до граѓаните. 
Спроведените анализи, кои беа финансирани од УНИЦЕФ покажаа дека влијанието и придобивките од воведувањето на моделот на социјални договори во нашата земја ќе бидат големи и многу позитивни.“

Бенџамин Перкс, Претставник на УНИЦЕФ истакна: 
„Социјалните договори создаваат можност за  подобар опфат со услуги, модернизација на услугите и соодветен кадар кој е обучен и мотивиран.  Притоа постои ризик дека услугите ќе се пренасочат кон оние кои се најпрофитабилни за давателот на услуги, но и за зголемено дистанцирање на владата, која ја носи главната одговорност за човековите права, од граѓанинот, како носител на тие права. На истото не смее да се гледа едноставно како на тендерска процедура, туку како дел од комбинација на стратегии кои го гарантираат достоинството и правичноста за сите граѓани кои имаат потреба од социјални услуги, без разлика каде тие се наоѓаат, дали се од Скопје до Струмица или од Струга до Свети Николе. Услугите мора да бидат достапни за сите.“


„ЕУ е посветена на промовирање на добрите практики во испораката на социјални услуги во заедницата. Искуствата од цела Европа покажуваат како социјалните невладини организации, кои имаат експертски вештини и капацитет, можат да обезбедат разновидни квалитетни услуги, приспособени на потребите на ранливите групи на ниво на заедницата.
Токму заради ова, со задоволство можам да кажам дека работата на СОС Детско село вклучува и донесување на процедура за обука на локални Граѓански Организации и засегнатте чинители за разбирање на законодавната реформа во социјалните услуги. Потребна е поголема поддршка за градење на капацитетите на социјалните невладини организации во наредниот период.“-истакна Софи Бомонт, Програмски менаџер за образование, родова еднаквост и права за лица со попреченост во Делегацијата на Европската унија 


При предавањето на сите развиени документи кои го регулираат механизмот за склучување на Социјални договори, Министерската Царовска ја поздрави Иницијативата, подвлекувајќи дека доаѓа во вистински момент, кога Министерството е исправено пред предизвикот да спроведе суштински реформи.


– Системот на социјална заштита треба да добие слика соодветна за 21 век и да ги следи меѓународните трендови. Во однос на социјалните услуги колку и какви финансиски средства треба да се трансферираат кон граѓаните кои се материјално необезбедени или се во друг социјален ризик, анализите покажуваат дека Македонија испорачува финансиски средства и одредени социјални услуги се нудат, но конечниот ефект некаде се губи некаде по патот, заклучи Царовска.